Позицискиот документ на БиоНЕТ, со главен фокус на Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност 2020, има за цел да им помогне на земјите од ЈИЕ да постигнат заштита на биолошката разновидност како дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Југоисточна Европа (ЈИЕ) се обврза на зачувување на биолошката разновидност како дел од процесот на пристапување во ЕУ и ја потпиша Конвенцијата за биолошка разновидност (ЦБД). „Задачите од меѓународната рамка се тешки за спроведување. Граѓанските здруженија се способни и подготвени да играат поважна улога во заштита на биолошката разновидност, како и во разговорите и одлуките за биолошка разновидност на ЈИЕ“, изјавија од БиоНЕТ.
Главниот фокус на членките на БиоНЕТ е Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност 2020, што нуди добра рамка за активности насочени кон заштита на видови, живеалишта, екосистеми и услугите што тие ги обезбедуваат „надвор од границите на ЕУ“ и периодот потоа. Во процесот беше изготвена нацртверзија на документот и се слушнаа коментарите на сите 14 членки, а на крајот беше усвоен од мрежата.
„Позицискиот документ служи како насока за преговорите и за воспоставување соработка со владите во регионот и во контекст на меѓународна соработка за развој“, изјавија од БиоНЕТ.
Милка Гвозденовиќ, постар советник во Млади истражувачи на Србија – МИС, изјави дека документот на БиоНЕТ ги одразува мислењата и потребите на граѓанските организации во однос на стратешкото планирање на заштитата на биолошката разновидност и многубројните притисоци врз природното наследство.
„Клучните пораки се: потреба за подобра соработка – меѓу земјите, меѓу граѓанските организации и институции, меѓу различни сектори; и владеење на правото во заштита на биолошката разновидност – односно политичка волја и владина одговорност за заштита на биолошката разновидност, соодветно изготвување и спроведување закони за заштита на биолошката разновидност, и пристап до правда“, изјави таа.
„Додека се подготвуваше документот, стана јасно дека проблемите кај заштитата на природата и биолошката разновидност се заеднички за сите земји од БиоНЕТ“, наведе Гвозденовиќ.
Идејата потекна како резултат на заедничката работилница што се одржа во февруари 2019 г. во Црна Гора, каде што три членки на БиоНЕТ доброволно се јавија да го водат процесот. Тоа се: Млади истражувачи на Србија, Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) и Друштвото за природа, животна средина и одржлив развој Сонце од Хрватска.
„БиоНЕТ се залага за отворен дијалог меѓу владите, граѓанските организации и приватниот сектор за заштита на биолошката разновидност како прв чекор кон успешна соработка“, изјавија од работната група.Позицискиот документ е предвидено да биде претставен на носителите на одлуки за да им се привлече вниманието кон овие теми. Исто така, тој би требало да им служи на членките на БиоНЕТ при планирање на идните активности во Западен Балкан.