За БиоНЕТ
Во периодот од октомври до декември 2016 г., проектот за биолошка разновидност на ГИЗ ОРФ во соработка со меѓународни организации за заштита на природата спроведе процес за проценка на капацитетите и самопроценка на биолошката разновидност поврзано со граѓанските организации во регионот на ЈИЕ. Проценката беше фокусирана на техничките и на институционалните капацитети и на финансискиот статус во поглед на одржливоста и среднорочните перспективи на граѓанските организации, како и на утврдување на јазовите, потребите и предизвиците кај планирањето и спроведувањето на иницијативите за зачувување на природата. Податоците беа структурно анализирани, беа утврдени потенцијалните членови на мрежата и со нив се направија билатерални интервјуа за да се проверат и потврдат наодите од самопроценката и за да се потврди нивното членство во идната мрежа, т.е. да се финализира листата на организации членки на БиоНЕТ.
Основачкиот состанок
на БиоНЕТ се одржа во декември 2016 г. кога се дискутираа теми за статутот на мрежата, плановите, регистрацијата, обуката, учеството во кампањата „Зелен појас“, организирање летен камп, развивање апликација за паметен телефон, меѓусебна соработка на граѓанските организации, потенцијалот за соработка со граѓански организации од ЕУ и можноста за ангажирање експерти од ЦИМ.
Во текот на 2017 и до средината на 2018 г. БиоНЕТ работеше претежно преку онлајн комуникација и со ангажирање индивидуални експерти, со исклучок на една заедничка обука во ноември 2017 г.
Во февруари 2019
за време на подготвителниот состанок за следната фаза на поддршка преку ГИЗ/ОРФ БДУ беше договорено да се разгледа претходната фаза на соработка и идните активности. Беше договорено поддршката на БиоНЕТ за периодот 2019-2020 да се состои од: а) зајакнување на улогата на БиоНЕТ како граѓанска интересна група за биолошка разновидност во ЈИЕ преку подготовка на позициски документ за Стратегијата за биолошка разновидност на ЕУ по 2020 и воспоставување соработка со Работната група за биолошка разновидност; б) теренска работа преку кампања за зголемување на свеста кај јавноста, отворање заедничка фејсбук-страница и односи со медиумите, и в) градење на капацитетите на мрежата преку обуки за управување и заштита на биолошката разновидност, комуникација, кампањи и теренска работа.
Од 2019 г. мрежата соработува преку редовни физички состаноци и средби преки скајп, редовна размена на електронска пошта и е-соработка во согласност со заеднички подготвените стратешки документи.